Европската Унија се соочува со нов притисок на енергетскиот пазар, откако цените на природниот гас достигнаа нивоа невидени од енергетската криза во 2022 година.
Европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен ги повика земјите-членки да разгледаат дополнителни мерки за намалување на потрошувачката на гас и електрична енергија, како и за зголемување на резервите пред претстојниот период.
Според објавените податоци, европските складишта за гас се исполнети околу 70 проценти, додека цената на холандскиот референтен пазар ТТФ веќе со недели се задржува над 70 евра за мегават-час.
Јоргенсен предупреди дека станува збор за ценовна криза поврзана со проблеми во снабдувањето. Дополнителен притисок создаваат состојбата на глобалниот пазар на течен природен гас, како и последиците од екстремно топлото и суво лето.
Меѓу предложените мерки се намалување на потрошувачката во периодите кога побарувачката е најголема, ограничување на греењето во јавните објекти и исклучување на непотребното јавно осветлување во текот на ноќта.
Сепак, еврокомесарот нагласува дека во моментов нема непосредна опасност за сигурноста на снабдувањето со енергија.
За состојбата министрите за енергетика на ЕУ треба да разговараат на 29 септември на неформален состанок во Ирска.










