ПРВ.мк
Свет

СПРЕЧЕН МОЖЕН НАПАД ВРЗ ВОЕНА БАЗА: Петмина уапсени, Трамп откри што наводно планирале

СПРЕЧЕН МОЖЕН НАПАД ВРЗ ВОЕНА БАЗА: Петмина уапсени, Трамп откри што наводно планирале

Британската антитерористичка полиција води истрага откако петмина мажи беа уапсени во близина на воената база РАФ Ферфорд во Глостершир, која ја користат и американските воздухопловни сили. Петтемина се осомничени за подготовка на терористички акт и за прекршоци поврзани со експлозиви. 

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американските и британските власти подолго време ги следеле осомничените и дека, според него, тие планирале да нанесат „голема штета“ на базата.

„Соработувавме со Британија и работата беше завршена неверојатно добро. Ги имавме под истрага. Тие планираа да нанесат голема штета на нашата база. Долго ги набљудувавме и ги фативме“, изјави Трамп. 

Според официјалните информации од британската полиција, околу 00:45 часот во неделата била примена пријава за три сомнителни возила кои се движеле кон РАФ Ферфорд. На терен веднаш биле испратени вооружени полицајци, кои во областа Велфорд уапсиле петмина мажи. 

Околу сомнителните возила бил поставен безбедносен кордон од 400 метри, а околу 85 домаќинства биле евакуирани додека специјалисти за експлозивни средства ги проверувале возилата. Полицијата соопшти дека ситуацијата е ставена под контрола.

РАФ Ферфорд е британска воена база што ја користат и американските сили, а во неа се стационирани единици на американското воено воздухопловство. Базата се користела и за операции на американски бомбардери поврзани со нападите врз Иран. 

Истрагата е во рана фаза и британските власти засега јавно не утврдиле кој бил мотивот, ниту потврдиле поврзаност на осомничените со конкретна држава или организација.