Летонската премиерка Евика Силиња и естонскиот претседател Алар Карис повикаа на именување специјален европски пратеник кој повторно би воспоставил соработка со Русија. Европејците сè појасно и поотворено сигнализираат нов пристап кон Москва, а вакви изјави се слушаат првпат од почетокот на војната во Украина.
Силиња и Карис во одделни интервјуа за „Еуроњуз“ изјавија дека Европската Унија треба да назначи специјален пратеник за повторно отворање на дипломатските канали со Русија.
Лидерите на ЕУ повикуваат на специјален пратеник за Русија
Ова, според аналитичарите, укажува на брза промена во стратешкото размислување на Европа во однос на Русија, особено откако ЕУ беше исклучена од мировните преговори за Украина, кои во моментов ги предводат Соединетите Американски Држави.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно неделава изјави дека веќе започнала работа „на техничко ниво“ токму околу именувањето специјален пратеник, иницијатива што ја поддржа и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Силиња и Карис сметаат дека секоја комуникација со Русија мора да се одвива во консултација со Украина и предложија идниот пратеник да биде личност околу која ќе постои општ европски консензус.
„Украинците преговараат – зошто да не и ние?“
– Мораме да бидеме на преговарачката маса, бидејќи и самите Украинци започнаа преговори. Па зошто Европејците да не преговараат? – праша Карис.
Тој не откри можни имиња, но нагласи дека избраниот пратеник треба да доаѓа од голема европска земја и да ужива „кредибилитет кај двете страни“.

















