Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја заостри реториката кон Европската Унија, обвинувајќи ја дека неправедно ги таргетира најголемите американски технолошки компании со високи парични казни. Тој најави дека Вашингтон ќе возврати со значителни царини доколку, како што вели, продолжи ваквата практика.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп порача дека САД нема да дозволат Европа да ги користи како извор на приходи, додавајќи дека американските компании се изложени на неправеден третман.
Според него, Европската Унија изрекла милијардски казни за компании како Apple, Meta, Amazon и Google, при што оцени дека тие се неоправдани и дискриминаторски. Тој посочи дека само Google досега се соочил со казни кои, според неговите тврдења, надминуваат 18 милијарди долари.
Трамп смета дека ваквите мерки претставуваат директен удар врз американските компании и даночните обврзници, а вината ја префрли и на претходната администрација на Џо Бајден, тврдејќи дека токму тогаш започнала ваквата политика.
На крајот, американскиот претседател најави дека неговата администрација ќе работи на поништување на овие казни и дека Европската Унија може да се соочи со високи трговски тарифи како одговор на, како што ја нарече, нелегалната и неетичка практика.









