Европа влегува во летото 2026 година со сериозни предупредувања од климатските експерти, откако беше потврден почетокот на нов циклус на климатскиот феномен Ел Нињо. Научниците предупредуваат дека неговото влијание би можело да донесе екстремни горештини, продолжени суши, проблеми во производството на електрична енергија и дополнителен раст на цените на храната.
Според најновите климатски прогнози, 2026 година има реални шанси да стане една од најтоплите години досега. Во голем дел од Европа се очекуваат температури значително над просекот, а во медитеранските земји живата во термометарот би можела да надмине и 40 Целзиусови степени. Метеоролозите предупредуваат и на зачестени „тропски ноќи“, кога температурите нема да паѓаат под 20 степени.
Освен жештините, експертите предупредуваат и на сериозни последици за енергетскиот сектор. Недостатокот на врнежи и ниските водостои може да го намалат производството на електрична енергија од хидроцентралите, додека екстремно високите температури ја намалуваат ефикасноста и на соларните панели.
Последиците би можеле да се почувствуваат и во земјоделството. Сушите и недостигот на вода го зголемуваат ризикот од послаби жетви на пченица, пченка, грав, какао и други култури, што може дополнително да ги зголеми цените на храната во Европа.
Научниците, сепак, нагласуваат дека Ел Нињо е само дополнителен фактор кој ги засилува веќе постојните климатски промени. Според нив, долгорочната климатска криза останува најголемата закана, а екстремните временски услови сè повеќе стануваат нова реалност.
Експертите предупредуваат дека претстојните месеци ќе бидат сериозен тест за енергетските системи, земјоделството и водните ресурси низ Европа, која повторно ќе се соочи со последиците од сè поизразените климатски промени.










