Загрижувачки податоци за порастот на семејното и врсничкото насилство беа презентирани на промоцијата на новиот проект на Министерството за образование и наука, чија цел е преку образовниот систем да се спречи насилството меѓу децата и во семејствата. Проектот се реализира со поддршка од Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека од почетокот на годината до 28 мај биле евидентирани 768 кривични дела поврзани со семејно насилство, што е зголемување од 67 проценти во споредба со истиот период минатата година, кога биле регистрирани 460 случаи. Само во првите две недели од јуни биле пријавени уште 89 нови случаи.
Според податоците на МВР, годинава се регистрирани и 93 инциденти на врсничко насилство во вкупно 64 училишта низ државата. Особено загрижува, како што истакна Тошковски, што бројот на случаи на насилство врз деца е значително зголемен, а кривичното дело силување на дете под 15 години е евидентирано шест пати, наспроти еден случај во истиот период лани.
Министерката за образование Весна Јаневска нагласи дека семејното насилство често е една од главните причини за агресивното однесување меѓу учениците. Таа најави дека од следната недела ќе започнат обуки за училишните психолози, педагози и социјални работници, со цел навремено препознавање и поддршка на децата изложени на насилство.
Во рамки на проектот ќе се организираат и средби со наставници, родители и ученици за подигнување на свеста, а ќе биде подготвен и единствен протокол за постапување при сомнеж за насилство во училиштата.
Од Комората на психолози порачаа дека агресивното однесување кај децата често е последица на претходно доживеано насилство или траума и дека институциите мора да работат не само на санкционирање на последиците, туку и на откривање на причините за ваквото однесување.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани оцени дека решението бара заедничка превенција во семејството, училиштата и локалните заедници, бидејќи врсничкото насилство најчесто е поврзано со нарушени семејни односи, недостиг на емоционална поддршка и негативни влијанија од дигиталниот простор.








