Доколку планирате да патувате во Грција со автомобил ова лето, добро е однапред да проверите дали ги имате сите потребни документи и задолжителната опрема. Грчките власти и оваа сезона спроведуваат засилени сообраќајни контроли, а недостатокот на одредени документи или опрема може да резултира со казна, па дури и со враќање од граничниот премин.
Еден од најважните документи останува зелената карта. И покрај најавите за нејзино можно укинување во регионот, таа сè уште е задолжителна за возила со македонски регистарски таблички при влез во Грција. Документот го издава осигурителната компанија кај која е склучено задолжителното осигурување.
Возачите треба да внимаваат и на противпожарниот апарат. Според грчките прописи, во возилото треба да има исправен и сертифициран апарат од типот „S2“, а за негово непоседување или неисправност може да биде изречена казна од 80 евра.
Покрај тоа, задолжително е со себе да имате важечки пасош, возачка дозвола, сообраќајна дозвола и Европски извештај за сообраќајна несреќа. Ако возилото не е регистрирано на ваше име, потребно е и овластување за управување со туѓо моторно возило во странство, познато како жолт картон.
Во автомобилот треба да се наоѓаат и комплет за прва помош со важечки рок, предупредувачки триаголник, рефлективен елек и резервно тркало или комплет за поправка на гуми.
Искусните возачи советуваат пред влез во Грција да го наполните резервоарот во Македонија, бидејќи горивата во Грција традиционално се поскапи во споредба со соседните земји.






