Автомобилот „Југо“, кој со децении беше едно од најпрепознатливите возила на балканските патишта, денес добива сосема нова вредност кај љубителите на класични автомобили. Еден исклучително сочуван примерок од 1989 година се продава во Велика Британија за околу 10.500 евра.
Станува збор за модел „Застава Југо 45А“, кој досега поминал само 27.200 километри. Автомобилот е понуден од британската компанија специјализирана за класични возила „KGF Classic Cars“, а продавачот наведува дека е сочуван во речиси фабричка состојба.

Каросеријата во оригиналната сина боја е без корозија и поголеми поправки, а на возилото се зачувани фабричките панели, стакла, налепници и ознаки од првиот дилер. Под хаубата и понатаму стои ознаката „Made in Yugoslavia“, додека ентериерот речиси и да не покажува знаци на користење. Во кабината сè уште се наоѓа оригиналниот „Philips“ касетофон, како и фабричкиот комплет алати.

Моделот го придвижува бензински мотор од 903 кубни сантиметри со 45 коњски сили, поврзан со четиристепен мануелен менувач. Максималната брзина изнесува околу 137 километри на час.
Во мај годинава автомобилот поминал целосен сервис, при што биле освежени системот за гориво и сопирачките, а поставени се и нови гуми на сите тркала, вклучувајќи го и резервното.

Овој примерок бил продаден како нов во Велика Британија во 1989 година, а со него е зачувана богата документација, меѓу која сервисна историја, оригинални брошури, рекламни материјали и документи од тогашниот увозник. Токму ваквата оригиналност и добро одржуваната состојба го прават еден од најинтересните примероци на „Југо“ што моментално се нудат на пазарот.







