Американскиот Стејт департмент објави ново безбедносно предупредување за своите државјани кои се наоѓаат во Русија или планираат да ја посетат земјата, поради зголемениот ризик од напади со беспилотни летала.
Во соопштението се наведува дека вакви напади и експлозии се регистрирани не само во регионите блиску до украинската граница, туку и во поголеми руски градови, меѓу кои Москва, Казањ и Санкт Петербург.
Американските власти ги советуваат своите граѓани, доколку дојде до итна ситуација, да ги следат инструкциите на локалните власти и веднаш да побараат безбедно засолниште.
Дополнително, Стејт департментот предупредува дека доколку граѓаните забележат беспилотно летало или негови остатоци, треба да се оддалечат од местото и да не ги допираат, фотографираат или снимаат.
Во предупредувањето се потсетува и дека руските закони забрануваат објавување фотографии и видеоснимки од последиците на нападите со дронови, а непочитувањето на овие правила може да доведе до парични или кривични санкции.
Вашингтон повторно апелираше американските државјани да не патуваат во Русија, која и натаму е под највисоко ниво на американско безбедносно предупредување.
Новото соопштение следува по масовниот напад со беспилотни летала врз Москва, кој, според градоначалникот Сергеј Собјанин, бил најголемиот таков напад врз руската престолнина во последните две години.










