ПРВ.мк
Свет

EES СЕ СОOЧУВА СО НОВ ПРОБЛЕМ: Девет шенгенски земји ја одложуваат целосната примена на новите гранични проверки!

EES СЕ СОOЧУВА СО НОВ ПРОБЛЕМ: Девет шенгенски земји ја одложуваат целосната примена на новите гранични проверки!

Воведувањето на Европскиот систем за влез/излез (EES) повторно се соочува со проблеми, откако најмалку девет земји од Шенген-зоната одлучиле да не го применуваат системот целосно, и покрај истекот на предвидениот преоден период.

Меѓу земјите кои, во договор со Брисел, ја одложуваат целосната имплементација се Франција, Германија, Италија, Белгија, Холандија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија.

Причините се поврзани со технички проблеми, недостиг на персонал и стравување од дополнителни метежи на граничните премини. Наместо строгото спроведување на новите биометриски проверки, земјите добиле можност да продолжат со постепена примена со цел да се одржи нормалниот проток на патници.

EES е систем на Европската унија кој треба да го евидентира влезот и излезот на државјани на земји кои не се членки на ЕУ, меѓу кои е и Северна Македонија. При преминувањето на надворешната граница на Шенген, во зависност од конкретната ситуација и применливите правила, се регистрираат податоци од патниот документ, како и биометриски податоци, вклучително отпечатоци од прсти и фотографија на лицето.

Според „The Times“, на деветте земји им било дозволено да ја одложат целосната примена на биометриските проверки со цел да се избегнат дополнителни проблеми и застои на границите.

Системот беше пуштен во употреба во октомври 2025 година, по повеќегодишни одложувања, а првичниот план беше тој целосно да профункционира до април 2026 година.

Но, во текот на неговото постепено воведување се појавиле низа проблеми. Покрај техничките недостатоци во софтверот и поврзувањето на системите, повеќе земји се соочиле и со недостиг од обучен персонал потребен за спроведување на новите процедури.

Поради тоа беше предвиден период од 150 дена во кој земјите можеле да ги ограничат или суспендираат биометриските проверки доколку проценат дека зголемениот број процедури создава сериозен метеж.

Овој период истече на 6 септември. Иако претходно од Брисел било посочувано дека нема да има продолжување на рокот, најмалку девет земји ја информирале Европската комисија дека нема целосно да го применуваат EES додека технологијата не функционира стабилно.

Според информациите, Брисел неформално се согласил со ваквиот пристап, без да биде поставен нов конкретен рок за целосна примена.

Уште пред воведувањето на системот, авиокомпании, аеродроми и оператори на пристаништа предупредуваа дека недоволно подготвената инфраструктура може да предизвика сериозни оперативни проблеми.

Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), која ги претставува авиокомпаниите ширум светот, исто така предупреди на можни последици доколку системот не може доволно флексибилно да се применува.

Томас Рејнарт, виш потпретседател за надворешни работи во ИАТА, посочи дека авиосообраќајот може да се соочи со сериозни оперативни тешкотии доколку не постои можност системот да биде привремено исклучен или прилагоден во услови на проблеми. Според него, при досегашната примена веќе биле забележани технички дефекти и нестабилност на повеќе аеродроми.

Во меѓувреме, се појавија и информации дека британската влада вршела дипломатски притисок во врска со примената на EES.

Апостолос Цицикостас, европскиот комесар задолжен за разговорите поврзани со EES со земјите надвор од ЕУ, наводно претходно летово приватно ја уверил британската министерка за транспорт Хајди Александер дека системот нема да се применува строго по истекот на преодниот период на 6 септември.

Како треба да функционира EES?

Целта на EES е националните системи на земјите од Шенген да бидат меѓусебно поврзани преку системот управуван од eu-LISA, агенцијата на ЕУ задолжена за управување со големи информациски системи во областа на слободата, безбедноста и правдата.

Секоја земја го организира процесот на свој начин. На пример, некои држави, меѓу кои Шведска и Португалија, воведоа и можности патниците однапред да доставуваат дел од потребните биометриски податоци преку апликации.

При првото влегување на патник во Шенген-зоната, податоците од неговиот патен документ треба да бидат внесени во системот за да се создаде неговата електронска евиденција. Потоа се земаат биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија на лицето, кои се поврзуваат со досието.

Сепак, токму поврзувањето на националните системи со централната инфраструктура се покажало како една од послабите точки на имплементацијата.

Во одредени земји, биометриските податоци се собираат, но поради технички проблеми не стигнуваат до системот на eu-LISA. Во други случаи, граничните службеници имаат проблеми со пристапот до веќе креираните досиеја на патниците, поради што постапката мора повторно да се започне.

Поради ваквите недостатоци, дел од скапата биометриска опрема поставена на аеродроми и пристаништа сè уште не се користи во полн капацитет, што дополнително ја доведува во прашање подготвеноста за целосна примена на системот.

Најнови вести