ПРВ.мк
Македонија

Македонска делегација во посета на Словенија: Словенечкиот модел за итна медицинска помош како инспирација за реформи во македонското здравство!

Македонска делегација во посета на Словенија: Словенечкиот модел за итна медицинска помош како инспирација за реформи во македонското здравство!

Во рамки на тридневната работна посета на Словенија, утрово беше остварена посета на Националниот диспечерски центар во Љубљана, заедно со амбасадорот Горан Милевски. На средбата со претставниците на словенечкото Министерство за здравство и водството на центарот, предводено од директорот Андреј Финк, се разговараше за организацијата, искуствата и напредокот на нивната итна медицинска помош (ИМП), чија системска реформа започна во 2017/18 година.

Словенечкиот систем за итна медицинска помош се смета за еден од најдобрите и најефикасните во регионот и пошироко, врз основа на неколку клучни карактеристики:

  • Централизирана координација: Национален диспечерски центар ги прима сите итни повици и ги координира тимовите и ургентните центри преку две паралелни единици во Љубљана и Марибор.
  • Прецизен систем за триажа: Се користи Словенечки индекс за триажа базиран на норвешкиот модел, со дефинирани три групи на итност и 27 групи на причини.
  • Професионално раздвојување: Јасна подделба и организација на докторите и теренските тимови за ИМП.
  • Стандардизација на флотата: Висока стандардизација на сите транспортни средства — од брзи мотоцикли до хеликоптерски тимови.
  • Строги оперативни процедури: Воспоставени се јасни стандарди за работа, показатели за квалитет и организиран систем за управување со поплаки.
  • Темелна обука: Диспечерите минуваат низ обука од 6 до 9 месеци, со задолжителна проверка на знаењата и ресертификација на секои 5 години.
  • Густа мрежа на дефибрилатори: Водење дигитална мапа на над 3.000 автоматски надворешни дефибрилатори (АНД) ширум земјата.
  • Иднински развој: Процес за претстојно издвојување на ИМП во посебен, самостоен завод како здравствена установа.

Оваа посета означува инспиративен почеток на соработката. Словенечкиот модел нуди драгоцени искуства и одлична можност за размена на знаења кои ќе бидат од голема корист во претстојните реформи на итната медицинска помош во Македонија.