Повеќе од 200 смртни случаи во Велика Британија се евидентирани во системот за пријавување несакани реакции кај лекови за кои постои сомнеж дека можеби се поврзани со популарните терапии за намалување на телесната тежина.
Според податоците на Британската агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), во официјалната база се регистрирани 82 смртни случаи кај лица кои користеле семаглутид, активната состојка позната по брендовите „Оземпик“ и „Вегови“. Дополнително, 139 смртни случаи биле пријавени кај лица кои користеле тирзепатид, познат како „Монџаро“.
Сепак, здравствените власти нагласуваат дека самото пријавување на несакана реакција не значи дека лекот бил директната причина за смртта. Станува збор за случаи во кои постои сомнеж за можна поврзаност, а податоците од системот не претставуваат автоматски потврдена причинско-последична врска.
Бројките се преземени од системот за доброволно пријавување несакани реакции на MHRA, во кој сомнежи можат да пријават и здравствени работници и пациенти.
До крајот на јануари годинава, за семаглутид биле регистрирани речиси 50.000 пријави поврзани со различни здравствени проблеми. Меѓу пријавените реакции има и сериозни гастроинтестинални нарушувања, како и воспаление на панкреасот.
Кај тирзепатид, кој на британскиот пазар се појавил подоцна, биле евидентирани повеќе од 15.000 пријави за несакани реакции.
Овие терапии првично биле развивани за лекување на дијабетес тип 2, но со текот на времето станале широко користени и за регулирање на телесната тежина.
Британските медицински организации особено предупредуваат на начинот на кој дел од луѓето доаѓаат до овие препарати. Еден од проблемите е можноста за нивно набавување преку интернет-платформи без соодветен медицински преглед.
Според предупредувањата, постојат случаи во кои корисници преку приватни онлајн-платформи давале неточни податоци во прашалници со цел да добијат пристап до терапијата, иако можеби немале соодветна медицинска индикација.
MHRA продолжува со следење на безбедноста на лековите од оваа група, познати како GLP-1 терапии. Британските регулатори најавија и дополнителни мерки за контрола при издавањето на овие лекови, меѓу кои и проверка на телесната маса пред нивното издавање.
Здравствените работници предупредуваат дека ваквите терапии не треба да се користат самостојно или без проценка од квалификуван медицински професионалец. Особено е важно нивната употреба да биде проследена со соодветна медицинска проценка, бидејќи лековите можат да имаат несакани ефекти и не се наменети за секого.
Случајот повторно го отвора и прашањето за достапноста на овие препарати преку интернет и нелегални канали, особено во земјите каде што контролата врз нивната продажба и издавање е послаба.







