Медикаментозниот абортус е најчестиот начин на прекин на бременоста во првото тримесечје на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје. Сепак, покрај процедурите што се спроведуваат под медицински надзор, лекарите годинава забележале и појава на пациентки кои самостојно набавувале терапија од странство и потоа ја користеле без претходен преглед, процена и контрола.
Податоците од ГАК покажуваат дека во првото тримесечје годинава биле евидентирани 832 медикаментозни абортуси, наспроти 38 класични вештачки абортуси. Тоа значи дека околу 95,4 проценти од прекините на бременоста до 12. гестациска недела биле извршени со медикаментозна метода.
Во второто тримесечје, од 12. до 22. гестациска недела, биле регистрирани уште 140 медикаментозни абортуси, додека кај околу пет пациентки била применета индукција со интраамнијална терапија. И во оваа група, според ГАК, околу 96 проценти од абортусите биле медикаментозни.
Бројките покажуваат колку често оваа метода се користи во медицинската пракса, но не даваат целосна слика за тоа колку жени можеби се обидуваат да ја применат без лекарски надзор.
Директорката на ГАК, проф. д-р Ирена Алексиевска-Папестиев, за „Вечер“ открива дека во текот на годинава имале пациентки кои сами набавиле терапија од соседни земји, меѓу кои Грција и Косово, а дел од нив потоа самостојно ја користеле.
Од Клиниката предупредуваат дека ваквата практика носи ризици, бидејќи без претходна медицинска процена може да дојде до пообилно крвавење, инфекција, како и други компликации доколку прекинот на бременоста не биде целосен. Постои и ризик процедурата да не биде успешна доколку терапијата не е соодветно одредена за конкретната пациентка.
Дека лековите се бараат и преку неформални канали покажуваат и анонимните разговори на социјалните мрежи, каде што се појавуваат прашања од типот каде можат да се набават или што може да се очекува по нивната употреба. Точните актуелни цени на нелегалниот пазар не можат сигурно да се потврдат, но претходно објавувани информации укажуваат дека одредени препарати биле достапни по релативно ниски цени.
Од ГАК, сепак, нагласуваат дека постои разлика меѓу медицински спроведената терапија дома и самостојното земање лекови без лекарска процена.
Кај пациентки во рана бременост, во одредени случаи терапијата може да се користи во домашни услови, но тоа се прави откако жената ќе биде прегледана и ќе добие соодветни медицински упатства. Потоа е предвидена и задолжителна контрола на Клиниката, најчесто по две недели, или порано доколку постои потреба.
Кај пациентки со бременост над 12 недели, како и кај оние кај кои постојат дополнителни ризици, медикаментозниот абортус се спроведува во самата Клиника, со хоспитализација и медицински надзор. Од ГАК посочуваат дека посебен пристап е потребен и кај малолетни пациентки и кај жени со придружни здравствени состојби.
Според директорката, една од причините поради кои медицинскиот надзор е особено важен е можноста за компликации кои не можат однапред да се проценат само преку искуства споделени на интернет или совети од други лица.
Од вкупно 832 медикаментозни абортуси во првото тримесечје, ГАК наведува дека 404 биле поврзани со неуспешна бременост, додека 418 биле извршени на барање на пациентката.
Медикаментозниот абортус се спроведува со точно определена терапија и медицински протокол, а пациентката однапред треба да биде информирана за можните реакции и за ситуациите во кои е потребно да побара лекарска помош.
По употребата може да се појават болки во долниот дел на стомакот, мачнина, повраќање или дијареја, а при пообилно крвавење е потребна итна медицинска процена. Доколку во матката остане ткиво, во одредени случаи може да биде потребна дополнителна медицинска интервенција.
Токму затоа, лекарите предупредуваат дека проблемот со набавката на терапијата „од рака на рака“ не се однесува само на потеклото на лекот. Многу поважни се прегледот пред процедурата, утврдувањето на гестациската возраст, процената на можните ризици, изборот на соодветна терапија и контролата по процедурата.
Причините поради кои некои жени се одлучуваат да ја избегнат здравствената установа можат да бидат различни – страв од осуда, потреба од поголема приватност, недоверба или недоволна информираност. Сепак, од ГАК потенцираат дека искуството на една жена не може да ја замени медицинската процена кај друга пациентка.
Медикаментозниот абортус во првото тримесечје на ГАК има висока успешност, а за пациентките кај кои е проценето дека можат да ја користат терапијата во домашни услови постои предвидена медицинска контрола. Кај жените со повисок ризик или со подоцнежна бременост, постапката се спроведува под директен надзор на здравствени работници.
Дополнителен фактор е и финансиската достапност. Иако абортусот е легален во земјата, прекинот на бременоста по барање на жената не е целосно покриен со задолжителното здравствено осигурување. Истовремено, ниту едно модерно контрацептивно средство не се наоѓа на позитивната листа.
Според анализа на ХЕРА од 2026 година, жените и понатаму ја плаќаат полната цена на оралната контрацепција што се продава во аптеките. Организацијата предупредува дека ваквите финансиски бариери можат да придонесат за нееднаков пристап до контрацепција и репродуктивна здравствена заштита.
Лекарите од ГАК затоа апелираат ваквата терапија да не се користи без претходна медицинска процена и соодветна контрола, бидејќи безбедноста на процедурата не зависи само од самиот лек, туку и од правилната процена и следењето на пациентката.






