Деветнаесетгодишен велешанец бил приведен откако, според полицијата, се обидел да побегне со мопед од полициски службеници и притоа удрил во два автомобили.
Како што соопшти СВР Велес, случајот се случил на 13 септември околу 18:20 часот, на крстосницата меѓу улиците „Костурска“ и „Љубљанска“ во Велес.
Според полициските информации, П.Ѓ. (19), управувајќи мопед со велешки регистарски ознаки, ги забележал полицајците и се обидел да побегне. При обидот за бегство удрил во автомобил „сеат“, управуван од 31-годишен велешанец, како и во „голф“, зад чиј волан бил 45-годишен жител на Велес.
За среќа, во сообраќајната несреќа нема повредени лица, но била причинета материјална штета.
По извршените проверки, полицијата утврдила дека 19-годишникот го управувал мопедот без да поседува возачка дозвола.
По насоки на јавен обвинител, младиот велешанец бил приведен во полициска станица, а мопедот му бил одземен. Од СВР Велес најавуваат дека по целосно документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.





