Стотици луѓе во необични маски и костими се појавија низ центарот на Берлин во саботата, 12 септември, привлекувајќи големо внимание од минувачите и јавноста. Необичната прошетка била дел од официјалната програма на меѓународниот фестивал „Фолсом Европа 2026“, кој од 10 до 13 септември се одржува во германската престолнина.
Станува збор за таканаречениот „Puppy Walk“, однапред најавена активност во рамките на фестивалот посветен на различни возрасни субкултури. Настанот бил одржан во текот на претпладневните часови, а учесниците се собрале кај фонтаната Нептунбрунен околу 10 часот.
Прошетката траела до пладне, по што подоцна во текот на денот била организирана и заедничка фотографија на учесниците на фестивалската сцена.
„Puppy play“ е субкултурна активност во која возрасни учесници користат маски и костими инспирирани од кучиња и се препознаваат преку играње улоги и дружење. Токму ваквите учесници биле дел од берлинската прошетка.
Снимките од настанот многу брзо започнале да се шират на социјалните мрежи. Необичните сцени привлекле големо внимание, но со видеата паралелно започнала да кружи и информација дека повеќе од илјада луѓе кои „мислат дека се кучиња“ протестирале во Берлин и барале забрана на десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД).
Сепак, за ваквото тврдење нема потврда во официјалната програма на фестивалот, ниту во достапните информации за организацијата на настанот.
Напротив, „Puppy Walk“ бил однапред планиран и најавен како дел од програмата на „Фолсом Европа 2026“, што значи дека неговото одржување не било ненадеен политички протест, туку организирана фестивалска активност.
Воедно, прошетката била само еден мал дел од многу поголем настан. „Фолсом Европа“ годинава привлекол посетители од целиот свет, а организаторите очекувале повеќе од 20.000 гости од шест континенти.
Централниот уличен саем бил одржан на 11 и 12 септември во берлинската населба Шенеберг. Во текот на фестивалот биле организирани различни активности, со сцени, штандови, забави и настани наменети за повеќе субкултурни заедници.
Меѓу нив биле застапени и групи кои се идентификуваат со таканаречената „puppy“ и „furry“ култура, поради што нивното присуство било особено забележливо за време на прошетката низ градот.
Така, иако фотографиите и видеата од Берлин на социјалните мрежи создадоа впечаток дека станува збор за голем политички протест, достапните информации покажуваат дека необичната поворка всушност била дел од однапред организиран фестивалски настан, а тврдењата за протест против АФД не се потврдени.






