Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 39-годишен жител на селото Черкези, кој е осомничен дека преку социјалните мрежи упатувал навреди и закани кон претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Од Обвинителството информираат дека постои основано сомнение оти осомничениот сторил кривично дело „Загрозување на сигурноста“ согласно член 144 став 5 од Кривичниот законик.
Според досегашните наоди, 39-годишникот преку пораки испратени на социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на премиерот на Република Северна Македонија.
Поради сериозноста на случајот, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог осомничениот да биде ставен во притвор.
При образложувањето на барањето, Обвинителството ги земало предвид околностите под кои, според сомнежите, било извршено делото, можниот ризик од бегство, но и досегашното однесување на осомничениот.
Од ОЈО Куманово посочуваат дека 39-годишникот во минатото се појавувал и како сторител на други кривични дела поврзани со насилен криминал, меѓу кои се наведуваат насилство и лихварство. Во неговото досие, според Обвинителството, има и повеќе прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир.
„Станува збор за конфликтна личност која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители“, наведуваат од Обвинителството.
Оттаму оценуваат дека постои реална опасност ваквото однесување и агресивните испади да ескалираат во посериозни кривични дела, со можни животозагрозувачки последици.
Конечната одлука по предлогот на јавниот обвинител за определување мерка притвор треба да ја донесе судија на претходна постапка.






