ПРВ.мк
Балкан

НОВИ ПРАВИЛА И КАЗНИ: Трговците кои ги „гњават“ луѓето преку телефон може да платат огромна сума пари!

НОВИ ПРАВИЛА И КАЗНИ: Трговците кои ги „гњават“ луѓето преку телефон може да платат огромна сума пари!

Во Србија стапија на сила нови правила со кои дополнително се ограничуваат несаканите телефонски повици и пораки од трговци во рамките на промоција и продажба. Со новиот Правилник се уредува регистарот „Не ме повикувај“, во кој граѓаните можат да ги внесат своите телефонски броеви доколку не сакаат да бидат контактирани за комерцијални цели.

Според правилата, трговците пред секој телефонски контакт поврзан со промоција или продажба мора да проверат дали бројот што планираат да го повикаат се наоѓа во регистарот.

Доколку трговец не ја испочитува оваа обврска, може да биде казнет со 200.000 динари. За одговорното лице во компанијата е предвидена дополнителна парична казна од 50.000 динари.

Покрај ова, Законот за електронски комуникации во Србија предвидува и значително повисоки казни за директно рекламирање без претходно добиена согласност од крајниот корисник. За ваков прекршок глобата може да се движи од 500.000 до два милиони динари.

Внесувањето или бришењето на телефонскиот број од регистарот „Не ме повикувај“ е бесплатно. Граѓаните тоа можат да го направат преку операторот на јавно достапните електронски комуникациски услуги со кој имаат склучено договор.

Барањето може да се поднесе електронски, преку веб-страницата или апликацијата на операторот, но и лично во продажен салон на операторот, со претходна идентификација.

При електронското поднесување, операторот го проверува идентитетот на корисникот, неговото име и презиме, телефонскиот број регистриран на негово име, како и единствениот матичен број на граѓанинот (ЕМБГ).

Откако барањето ќе биде прифатено, корисникот добива потврда за извршеното запишување или отпишување. Промената во регистарот станува видлива од првиот нареден ден по внесувањето или отстранувањето на бројот.

На овој начин, граѓаните во Србија добиваат можност полесно да се заштитат од несакани комерцијални повици и пораки, додека трговците имаат обврска пред секој ваков контакт да проверат дали потрошувачот претходно побарал да не биде повикуван.