Невообичаено голем број ученици изминатите денови отсуствуваат од настава во две основни училишта во Љубљана поради стомачни тегоби. Ситуацијата предизвика воведување дополнителни хигиенски мерки, а надлежните се сомневаат на високозаразна вирусна инфекција, најверојатно норовирус.
Во Основното училиште „Косезе“ ситуацијата била особено изразена. Во петокот од вкупно околу 700 ученици, дури 500 не дошле на настава поради здравствени проблеми.
Голем број отсуства биле регистрирани и во Основното училиште „Божидар Јакац“, каде што на настава не се појавиле 214 ученици, што претставува речиси половина од вкупниот број ученици во училиштето.
Во „Божидар Јакац“ отсуствувале и петмина наставници, но и покрај тоа наставата продолжила според редовниот распоред.
Директорката Елвира Сушец изјавила дека во училиштето била извршена инспекција која не утврдила неправилности. Дополнително, била извршена дезинфекција на кујната, а биле преземени и други превентивни мерки.
„Ги дезинфициравме кваките, масите и почесто ги проветрувавме просториите“, посочила Сушец.
Слични мерки биле преземени и во „Косезе“, каде што, покрај стотиците отсутни ученици, од настава отсуствувале и петмина наставници.
Поради сомнежите за можна зараза, училишната кујна била затворена, а за учениците бил организиран кетеринг со сува храна.
Директорката Лориета Печолер изјавила дека и покрај големиот број отсутни ученици, наставата продолжила нормално.
Поради зголемениот број случаи, Националниот институт за јавно здравје на Словенија започнал епидемиолошка обработка. Од Институтот препорачале децата кои имаат повраќање или дијареја да останат дома за да се спречи дополнително ширење на инфекцијата.
Според досегашните сознанија, сомнежите сè повеќе се насочуваат кон вирусна инфекција, а помалку кон храната што се служи во училиштата.
Марија Фабчич од Градската управа на Љубљана за 24ur изјавила дека повеќе показатели упатуваат на поширока епидемија на вирусна инфекција, особено во Основното училиште „Косезе“.
Надлежните продолжуваат да ја следат ситуацијата и да ги утврдуваат причините за големиот број заболени ученици.







