Во Женева денеска настана сериозен хаос за време на протестите против самитот на Г7, откако демонстрациите излегоа од контрола и прераснаа во насилни судири со полицијата. Швајцарските безбедносни сили употребија солзавец за да ги растераат групите демонстранти кои се обидувале да се приближат кон објектот на Обединетите нации.
Според сведоци, дел од учесниците фрлале камења и пиротехнички средства кон полициските кордони, а ситуацијата на одредени точки на градот станала напната и опасна. Полициски извори наведуваат дека протестот првично бил најавен како мирен собир, но дека подоцна дел од групите започнале со насилни акции.
Во текот на немирите биле оштетени и повеќе објекти во градот, меѓу кои и излози на банки, како и еден авто-салон кој бил цел на напад. Локалните власти потврдија дека дел од демонстрантите биле спречени да внесуваат опасни предмети, а кај некои биле пронајдени ножеви и пиротехника.
Иако официјалната проценка е дека поголемиот дел од протестот бил мирен, безбедносните служби сепак реагирале со засилено присуство на полицијата, распоредена низ клучните точки на градот. Илјадници демонстранти се собрале во знак на протест против Г7, кој го гледаат како симбол на глобална политичка и економска моќ.
Самитот на Г7 треба да започне во наредните денови во близина на француската граница, а властите веќе однапред преземаат мерки за безбедност поради најавените нови протести.







