ПРВ.мк
Свет

17 години летал без лиценца: Пилот превезувал илјадници патници на над 900 летови

17 години летал без лиценца: Пилот превезувал илјадници патници на над 900 летови

Неверојатен скандал ја потресе канадската авијација откако истрагата откри дека поранешен пилот на „Ер Канада“ речиси 17 години управувал со патнички авиони без соодветна лиценца.

Според информациите на полицијата во Онтарио, пилотот успеал да реализира повеќе од 900 домашни и меѓународни летови, превезувајќи десетици илјади патници пред измамата да биде откриена.

Случајот бил разоткриен во рамки на истрага наречена „Проект Икарус“, која утврдила дека пилотот фалсификувал документација потребна за унапредување во капетан уште во 2009 година.

Иако работел за националниот авиопревозник од 1998 до 2025 година, истражителите тврдат дека со години успешно ги доведувал во заблуда и компанијата и воздухопловните регулатори.

Според официјалните податоци, тој управувал со некои од најголемите патнички авиони во светот, меѓу кои Boeing 767, Boeing 777 и Boeing 787, извршувајќи летови низ Канада и во странство.

„Станува збор за намерен обид за заобиколување на системите кои постојат за заштита на јавноста и безбедноста во воздушниот сообраќај“, соопштија канадските власти.

Откритието предизвика шок во јавноста и отвори сериозни прашања за начинот на кој биле вршени проверките на квалификациите на пилотите во текот на изминатите години.

Истрагата продолжува, а надлежните институции најавуваат дополнителни проверки за да утврдат дали имало пропусти во системот што му овозможиле на пилотот толку долго да остане незабележан.