Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска се обрати пред 81. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, каде остро одговори на вчерашните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп. Пезешкијан порача дека Иран нема да се предаде под притисок, но дека останува отворен за дипломатија и преговори.
Пезешкијан го отфрли претставувањето на Иран како терористичка закана и тврдеше дека неговата земја била жртва на тероризам. Во текот на говорот покажа фотографии од деца загинати при нападот врз училиште во Минаб во февруари. Независна мисија на ОН претходно соопшти дека има разумна основа да смета дека американскиот напад врз училиштето претставувал воено злосторство; истата мисија, одделно, наведе и основи за сомневање за злосторства против човештвото од страна на иранските власти при задушувањето на протестите.
За време на говорот, претставник на американската делегација ја напуштил салата, што било забележано само неколку минути по почетокот на обраќањето на иранскиот претседател.
Пезешкијан се осврна и на ситуацијата во Газа и на палестинското прашање, а во однос на позицијата на Техеран тврдеше дека Иран не бара воена моќ за напад врз други држави, туку за сопствена одбрана и безбедност.
На крајот од говорот директно му се обрати на Трамп, нагласувајќи дека Техеран е подготвен за дијалог и дипломатски преговори, но не и за прифаќање закани и притисоци. Неговото обраќање следуваше еден ден откако Трамп во својот говор во ОН предупреди дека Иран може да се соочи со „уништување“ доколку не биде постигнат мировен договор.









