Мекена Вест, медицинска сестра од Алјаска која била сурогат-мајка, побарала од американскиот Врховен суд повторно да ѝ биде дозволено да учествува во одлуките поврзани со бебето кое го родила. Нејзиното барање, сепак, било одбиено. Одлуката ја донела судијката Елена Каган, без дополнително образложение, што е вообичаено кај итните барања пред Врховниот суд.
Случајот започнал уште во текот на бременоста. Вест останала бремена во декември, а при 20-неделниот ултразвучен преглед во април лекарите утврдиле дека фетусот има хипопластичен синдром на левата страна на срцето (HLHS). Станува збор за тешка вродена срцева мана при која левата страна на срцето не е доволно развиена, поради што нормалното циркулирање на крвта е сериозно нарушено.
Според судските документи, Вест претходната година склучила договор за сурогатство со парот од Калифорнија, Наусин Гилкар и Омар Ахмед. Во договорот имало одредба која предвидувала можност за прекин на бременоста доколку се утврди „фетална абнормалност“.
Откако лекарите ја откриле срцевата мана, Гилкар и Ахмед побарале од Вест да ја прекине бременоста. Таа, сепак, одбила. Според нејзиното сведочење, дури закажала најмалку два термини за абортус, но на крајот не можела да донесе одлука да ја прекине бременоста.
Потоа Вест ја напуштила Алјаска и заминала во Тексас, каде што важат значително построги правила за абортус. На 12 август во Тексас го родила момчето. Таа го нарекува Габриел, додека Гилкар и Ахмед му го дале името Руми.
Уште пред раѓањето, Гилкар и Ахмед побарале од суд во Калифорнија да го потврди нивното родителско право. Судот го сторил тоа и ги признал како законски родители на детето.
Вест, од друга страна, тврдела дека случајот треба да се разгледува во Алјаска и дека таа никогаш не дала согласност Калифорнија да одлучува за нејзините права.
По раѓањето, здравствената состојба на бебето барала итна медицинска интервенција. Момчето има тешка срцева мана и било подложено на Норвуд-процедура во Тексас. Таа интервенција вообичаено е првата од серијата операции што им се потребни на децата со HLHS во текот на првите години од животот. Без соодветно лекување, состојбата може да биде фатална.
Во случајот се вмешал и државниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, кој побарал да се обезбеди медицинска грижа за новороденчето. Во меѓувреме, бебето останало во болница во Тексас додека продолжувала правната битка околу тоа кој има право да носи одлуки за неговото лекување.
Вест продолжила да инсистира дека треба да има улога во одлуките. Таа изразила загриженост дека Гилкар и Ахмед, кои претходно побарале прекин на бременоста, можеби нема да сакаат да продолжат со сите неопходни медицински интервенции за детето.
Нејзините адвокати пред судот предупредиле дека без дополнителна судска интервенција Вест би можела целосно да биде исклучена од животот на бебето кое го носела 37 недели, како и од важните одлуки поврзани со неговото лекување.
Адвокатите на Гилкар и Ахмед, пак, целосно ги отфрлиле овие тврдења. Тие пред Врховниот суд навеле дека родителите постојано се со својот син на одделението за интензивна нега и дека токму тие се грижат за неговото лекување. Според нив, не е точно дека сакаат да престане медицинската грижа за детето.
И Гилкар во август, за време на судско рочиште во Далас, зборувала за својата поврзаност со бебето. Таа изјавила дека Руми е „љубовта на нивниот живот“ и дека многу страда поради неговата состојба.
Вест, од друга страна, останала на ставот дека токму нејзината одлука да ја продолжи бременоста му овозможила на детето да биде родено и да добие можност за лекување.
Нов пресврт во случајот следувал минатата недела, кога Врховниот суд на Тексас дозволил бебето да биде префрлено во Лос Анџелес за да продолжи со специјализирано лекување.
Судот образложил дека од клучно значење е детето, кое е медицински кревко, да продолжи со потребната терапија и дека постои ограничен временски период во кој безбедно може да биде префрлено од една единица за интензивна нега во друга.
Само неколку дена подоцна, Врховниот суд на САД го одбил барањето на Вест. Со оваа одлука не биле решени сите пошироки прашања поврзани со сурогатството, абортусот или родителските права. Судот, конкретно, одбил итно да интервенира во спорот и да ја суспендира одлуката со која Гилкар и Ахмед се признати како законски родители.
Случајот во Соединетите Американски Држави отвори поширока дебата за границите на договорите за сурогатство и за ситуациите во кои договорните обврски се судираат со личната одлука на жената која ја носи бременоста.
Дополнително, случајот повторно го отвора прашањето кој има право да носи медицински одлуки за дете родено со сериозна здравствена состојба, како и до каде можат да одат однапред договорените услови во сурогатството кога во текот на бременоста ќе биде откриена сериозна фетална аномалија.






