Пловењето на руското семејство со три мали деца од градот Коломна беше прекинато на драматичен начин, откако кит убиец нападна и оштети нивниот едрењак во Атлантскиот Океан, пренесува порталот life.ru.
Инцидентот се случи во близина на португалскиот град Порто, додека семејството пловело на рутата од Ла Рошел во Франција кон Билбао во Шпанија во 10-метарски едрењак од типот „Dufour 32“.
Според наводите на Телеграм-каналот SHOT, во пловилото се наоѓале сопружниците Ана и Сергеј со своите три деца. Морскиот предатор ненадејно му се приближил на едрењакот и почнал повеќепати силно да удира во него, предизвикувајќи опасно нишање. По неколку напнати минути, орката се оддалечила, оставајќи ги патниците неповредени, но преплашени.
Иако никој од членовите на семејството не е повреден, ударите предизвикале сериозни технички оштетувања на пловилото. Нападот го уништил кормилото и неговиот носач, оштетена е кобилицата, додека на трупот останале длабоки вдлабнатини. Поради тоа морале да се откажат од понатамошниот пат кон Билбао.
Семејството успеало безбедно да вплови во Порто, каде што едрењакот — чија вредност се проценува на околу 15 милиони рубли — веднаш бил испратен на поправка. Работите на санацијата ќе траат околу две недели, а се проценува дека поправката ќе чини околу 5.000 евра (што одговара на износ од приближно 500.000 рубли).






