Серија дојави за поставени бомби предизвика сериозни нарушувања во авиосообраќајот низ Европа. Повеќе патнички авиони биле пренасочени, а на неколку аеродроми биле активирани специјализирани безбедносни служби.
Еден од најсериозните инциденти се случил на лет на ирската авиокомпанија „Ер Лингус“ од Даблин кон Рим. Поради закана со бомба, авионот бил пренасочен кон воената воздухопловна база Евре во Франција, каде што безбедно слетал.
Во авионот имало 151 патник и шест членови на екипажот, кои биле евакуирани додека специјализирани екипи вршеле безбедносни проверки.
Слични закани биле пријавени и на три лета кон Софија. Авионите од Копенхаген и Мадрид слетале на софискиот аеродром, додека летот од Лондон бил пренасочен кон Пловдив.
Драматична ситуација имало и на летот на „Финер“ од Хелсинки кон Рим, кога авионот бил придружуван од италијански воени авиони, по што безбедно слетал.
Дополнително, авион на „Виз ер“ кој летал од Милано кон Варшава бил пренасочен кон Виена.
Во изминатите денови најмалку седум авиони биле предмет на безбедносни проверки поради закани со експлозивни направи.
Според досегашните информации, по извршените проверки не биле пронајдени експлозивни направи.
Надлежните служби продолжуваат со испитување на околностите и потеклото на дојавите кои предизвикаа вознемиреност кај патниците и нарушувања во европскиот авиосообраќај.









