ПРВ.мк
Свет

ДОБРИ ВЕСТИ: Големо намалување на цената на нафтата!

ДОБРИ ВЕСТИ: Големо намалување на цената на нафтата!

На азиските берзи во понеделникот беше регистрирано позитивно движење на цените на акциите, особено кај технолошките компании, додека нафтата продолжи со остар пад и поевтини четврти ден по ред.

Утринава, цената на нафтата „Брент“ се движи околу 102,20 долари за барел, додека американската ВТИ се тргува по цена од 98,71 долари за барел. Продолжувањето на падот на цените на енергенсот позитивно се одрази и врз расположението на инвеститорите на финансиските пазари.

Индексот MSCI за акциите во азиско-пацифичкиот регион во текот на седумчасовното тргување се зголеми за 0,8 отсто.

Во меѓувреме, раст беше забележан и на берзите во Индија, Шангај, Хонг Конг и Јужна Кореја, каде што главните индекси напредуваа меѓу 0,1 и 1,8 отсто. Единствено австралискиот пазар забележа благ пад. На јапонската берза во понеделникот не се тргува поради празник.

Особено внимание привлече технолошкиот сектор. Акциите на производителите на чипови утринава забележаа најголем раст, откако инвеститорите повторно ги зголемија очекувањата дека големите технолошки компании ќе продолжат со значителни инвестиции во развојот на вештачката интелигенција.

Во изминатите недели токму овој сектор беше под притисок поради сè поинтензивната дебата околу развојот на вештачката интелигенција. Во јавноста и меѓу инвеститорите се отвори прашањето дали темпото на развој треба да се намали поради ризикот од злоупотреба на овие технологии.

Покрај оптимизмот во технолошкиот сектор, на расположението на светските пазари позитивно влијае и падот на цената на нафтата. Фактот што таа поевтинува четврти ден по ред ги зголеми очекувањата дека инфлациските притисоци во светската економија би можеле постепено да се намалуваат.

Во фокусот на инвеститорите и оваа недела ќе бидат централните банки и нивните одлуки за монетарната политика. Тоа следува откако минатата недела американските и јапонските каматни стапки беа зголемени за по 0,25 процентни поени.

Во текот на оваа недела се очекуваат и заседанијата на централните банки на Швајцарија, Шведска и Норвешка. Според очекувањата на пазарите, нивните претставници не би требало да донесат одлука за дополнително зголемување на каматните стапки.