Доминик Лефевр (63) од Франција поминал една недела на одмор во Мароко, без да очекува дека по враќањето дома ќе го пречека вистински кошмар. Кога ја отворил сметката за телефон, останал во шок: износот бил „должи: 37.621,91 евра“.
Според мобилниот оператор Orange, Лефевр за време на одморот наводно потрошил огромна количина интернет податоци во роаминг, што довело до високиот износ. Меѓутоа, самиот Лефевр тврди дека речиси и не го користел телефонот и дека претходно никогаш немал слични проблеми на одмор. „Или сум бил жртва на хакерски напад, или на техничка грешка“, изјави тој.
Orange тврдел дека тарифниот пакет на Лефевр вклучувал 5 GB податоци за роаминг во Мароко и дека тој ги надминал. На телефон му биле испратени 16 СМС пораки со предупредување за прекумерна потрошувачка.
По враќањето од одмор, операторот му ја исклучил телефонската линија, што било критично за неговиот кафе-бар, бидејќи без интернет не можел да ја користи фискалната каса. Лефевр морал да ангажира друг провајдер за да продолжи со работењето, без да го плати побаруваниот износ.
На крајот, по долг преговор, Orange ја намалил сметката од над 37.000 евра на 500 евра, признавајќи ја долгогодишната лојалност и веродостојноста на клиентот. Сепак, операторот продолжува да тврди дека немало хакерски напад ниту техничка грешка.
Оваа неверојатна ситуација ја покажува колку лесно е можно еден обичен одмор да се претвори во вистинска финансиска голгота.