Германија се подготвува да воведе строга забрана за пушење во автомобили кога во нив се присутни деца или бремени жени.
Покраините Северна Рајна-Вестфалија и Долна Саксонија планираат да поднесат предлог-закон до Федералниот совет на 26 септември 2025 година, со цел заштита на најранливите категории од штетниот чад од тутун. Досегашните повици за доброволна претпазливост не ја намалија практиката, па пушачите и понатаму пушат во присуство на деца и трудници.
Министерот за здравство на Северна Рајна-Вестфалија, Карл-Јозеф Лауман, потенцира дека пушењето во автомобил со деца или бремени жени е неодговорно и може сериозно да го загрози нивното здравје. Германските научници предупредуваат дека околу еден милион деца редовно вдишуваат чад од тутун во возила, што го зголемува ризикот од сериозни болести.
Се очекува казните да се движат помеѓу 500 и 3.000 евра, а слични закони веќе се на сила во Италија, Франција, Велика Британија и други европски земји. Доколку предлогот биде одобрен, Бундестагот ќе донесе конечен закон.