ПРВ.мк
Македонија

„Заштитничка на жените, помага на оние што немаат деца“ – Денес се празнува Мала Богородица

„Заштитничка на жените, помага на оние што немаат деца“ – Денес се празнува Мала Богородица

Мала Богородица е еден од дванаесетте големи православни празници и ја одбележува радоста од раѓањето на Пресвета Богородица. Според верувањата, таа е родена во Назарет од благочестивите, бездетни родители Јоаким и Ана, како резултат на нивните долги молитви.

Пресвета Богородица има особено значење кај Македонците, а нејзиниот култ е присутен низ цркви, народни верувања и обичаи. Многу цркви во Македонија го носат нејзиното име, а празниците посветени на неа се одбележуваат со црковни свечености, народни собири, панаѓури и веселби кои во минатото траеле и неколку денови.

Многу верници веруваат дека Пресвета Богородица им помага на жените што немаат деца. На овој ден, тие одат во црквите посветени на неа и се молат пред иконите, надевајќи се на исполнување на своите желби.

Обичаи на Мала Богородица Празникот се одбележува со живописни народни обичаи. Во некои семејства, празничната облека и расположението се задржуваат неколку денови, особено во региони каде што се одржуваат саеми.

Се верува дека ако на Мала Богородица времето е ведро и сончево, така ќе биде и во есента и во зима. Жените на овој ден традиционално не треба да чистат, перат или да извршуваат други тешки работи.

Мала Богородица спаѓа меѓу 36-те големи црковни празници и во црковниот календар е обележана со црвени букви.

Escape