Вирусот Западен Нил повторно е во фокусот на европските здравствени власти, откако се потврдени нови случаи на инфекција во Грција, Италија, Шпанија, Романија и Франција. Според најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), сезоната на пренос преку комарци е во полн ек, а бројот на заразени постепено расте.
Најзагрижувачка е состојбата во Грција, каде што до 22 јули се потврдени 21 локален случај. Кај 20 пациенти се развиле сериозни компликации на централниот нервен систем, како енцефалитис и менингитис, додека едно лице имало поблаги симптоми. Засега нема пријавени смртни случаи, а 13 лица се хоспитализирани.
Само во текот на изминатата недела во Грција биле регистрирани 14 нови случаи, а најголем дел од заразените се од поширокиот регион на Атика. Здравствените власти предупредуваат дека вирусот е присутен во земјата речиси секоја година од 2010 година, поради што се смета за ендемски.
Според ECDC, заклучно со 15 јули, во Европа се регистрирани 33 локално пренесени случаи, од кои 20 се во Италија, распоредени во 16 различни подрачја. Во само една недела таму биле евидентирани уште 11 нови области со потврдено присуство на вирусот.
Вирусот Западен Нил се пренесува преку убод од заразен комарец, а здравствените власти препорачуваат користење репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици, како и отстранување на застојана вода каде што се размножуваат комарците. Најголем ризик од пренос постои во текот на летните месеци.








