Германските туристи кои летово го поминале одморот во Палма на островот Мајорка се соочуваат со непријатни изненадувања – поштенските сандачиња почнаа да им се полнат со казни до 200 евра. Причината е новата еколошка регулација што градот ја воведе на почетокот на годината, а која е насочена кон намалување на загадувањето во централното градско подрачје.
Според локалните медиуми, од 1 јули без исклучок се изрекуваат казни за возила кои влегуваат во еколошката зона без пропишана еколошка налепница. Контролата се врши автоматски преку камери кои ги снимаат регистарските таблички. Многу туристи сега добиваат известувања за прекршок недели по нивното враќање дома, честопати без прецизни детали за времето и местото на прекршокот.
Проблемот е особено голем за возилата со странски таблички, бидејќи според шпанските правила, странците тешко можат да добијат еколошка налепница. Посебната дозвола за странски возачи важи само шест месеци и бара доказ за трајно паркинг место во Палма, што во пракса речиси никогаш не е можно. Дополнително, интернет-платформата за регистрација на налепниците со месеци не функционира, а граѓаните ретко добиваат јасни информации од градските служби.
Според прелиминарните податоци на градските власти, околу 150 возила дневно влегуваат во центарот без овластување, што претставува 0,38% од вкупниот број на следени автомобили. Сепак, со оглед на тоа што ограничувањата се засега на мал број возила со високи емисии, оваа бројка е само почеток. Во наредните години, условите за влез во еколошката зона ќе се заоструваат, што значи дека домашните и странските возачи ќе се соочат со уште повеќе ограничувања и потенцијални казни.
Новата регулација во Палма е дел од глобалниот тренд за воведување еколошки зони и подобрување на квалитетот на воздухот во градовите, но истовремено претставува вистинска замка за туристите кои не се информирани за строгите правила и нивната имплементација.

















