ПРВ.мк
Свет

Фон дер Лајен му парира на Трамп: ЕУ вложува 200 милиони евра во Гренланд

Фон дер Лајен му парира на Трамп: ЕУ вложува 200 милиони евра во Гренланд

Европската унија најави дополнителни инвестиции од 200 милиони евра во Гренланд во следните две години, во период кога Арктикот станува сè поважна точка на геополитичкото натпреварување меѓу светските сили.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, за време на официјалната посета на главниот град Нук, порача дека Брисел сака дополнително да ги продлабочи економските и стратешките врски со Гренланд.

„Знаеме дека Арктикот стана едно од местата каде што се судираат тектонските плочи на геополитиката, па затоа имаме директен интерес за она што се случува овде“, изјави фон дер Лајен.

Најавата доаѓа во чувствителен момент, откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно го актуализираше прашањето за американска контрола врз Гренланд. Неговите изјави во изминатиот период предизвикаа силни реакции во Данска и Европа.

Фон дер Лајен не го спомена Трамп директно, но испрати недвосмислена порака дека иднината на островот не може да биде предмет на одлука на трета страна.

„Европската унија стои во целосна солидарност со Кралството Данска и со народот на Гренланд. Ќе продолжиме да го правиме тоа. За иднината на Гренланд треба да одлучат народот на Гренланд и Данска. Никој друг“, порача претседателката на Европската комисија.

Таа нагласи дека територијалниот интегритет, суверенитетот и неповредливоста на границите се основни принципи на меѓународното право.

На посетата со неа беа гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен и данската премиерка Мете Фредериксен.

„На Гренланд му е потребна Европската унија, а на Европската унија ѝ е потребен Гренланд. Потребни сме си едни на други“, изјави Нилсен.

Фредериксен, пак, нагласи дека Данска е отворена за уште поблиска соработка и со САД и со Европа кога станува збор за безбедноста и одбраната на Арктикот.

Новите 200 милиони евра европски инвестиции треба да бидат насочени кон три главни области – дигитална поврзаност и инфраструктура, чиста енергија и одржливо ископување критични суровини.

Посебно внимание привлекува минералното богатство на Гренланд. Островот располага со 25 од 34 минерали што ЕУ ги смета за критични за европската индустрија, обновливите извори на енергија и напредните технологии. Тоа е особено важно за Брисел поради настојувањето да ја намали зависноста од Кина во снабдувањето со критични суровини.

Сепак, суровите климатски и географски услови значително го отежнуваат развојот на рударството и ги зголемуваат трошоците за потенцијалните инвеститори.

Паралелно со економските инвестиции, Европа го засилува и безбедносното присуство на Арктикот. Во следните две недели војници од десет земји треба да учествуваат во вежбата на НАТО „Arctic Shield“, додека Европската комисија подготвува и ажурирана стратегија за Арктикот.

Во предлогот за следниот европски буџет се предвидени и 530 милиони евра конкретно за Гренланд.