Силни бури и опасни временски услови ги погодија Полска и Романија, а метеоролошките служби предупредуваат на можност од суперќелиски бури, град, силни ветрови и локални торнада.
Во Полска, најпогодени се јужните делови од земјата, каде што веќе се регистрирани обилни врнежи, град и силни налети на ветер. Метеоролозите предупредуваат дека во наредните часови може да се формираат нови суперќелиски системи кои носат ризик и од појава на торнада.
Полскиот владин безбедносен центар исто така издаде предупредувања до граѓаните, додека на социјалните мрежи се појавуваат бројни снимки и фотографии од невремето.
Во меѓувреме, Романија активираше портокалов аларм за 17 окрузи поради опасност од силни врнежи, грмежи, град и ветрови кои локално може да достигнат брзина од 90 километри на час.
Според прогнозите, во одредени региони се очекуваат повеќе од 70 литри дожд на квадратен метар, а нестабилното време ќе продолжи и во текот на следните часови.
Надлежните служби во двете земји апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да ги следат официјалните предупредувања, бидејќи постои можност временските системи дополнително да се засилат.









