ПРВ.мк
Свет

РАЗБИЕНА МЕЃУНАРОДНА МРЕЖА ЗА ОНЛАЈН ИЗМАМИ – Клиенти на овие банки оштетени за милиони евра

РАЗБИЕНА МЕЃУНАРОДНА МРЕЖА ЗА ОНЛАЈН ИЗМАМИ – Клиенти на овие банки оштетени за милиони евра

Меѓународна криминална мрежа осомничена дека преку измами во онлајн банкарството оштетила клиенти на германски банки за повеќемилионски износи е разбиена во заедничка операција на германските и бразилските власти.

По повеќегодишна истрага, во Бразил биле уапсени четири лица, а претреси биле извршени на 21 локација во седум градови. Во Европа се идентификувани уште тројца осомничени, против кои се очекуваат постапки во Шпанија и Бугарија.

Според истражителите, групата искористила пропуст кај провајдер за платежни услуги, кој настанал по погрешно ажурирање на софтверот. Во текот на неколку дена во ноември 2023 година биле извршени бројни неовластени исплати од сметки на германски корисници.

Средствата потоа во најголем дел биле префрлани во Бразил, каде што дел од парите биле подигнувани по обиди да се прикрие идентитетот на примачите.

Германските власти наведуваат дека слични измами биле извршувани и во уште четири европски држави.

Доказите собрани во Бразил ќе бидат вклучени во истрагата што продолжува во Германија. Вишиот јавен обвинител Бенјамин Краузе порача дека акцијата покажува оти сајбер-криминалците не можат да сметаат дека ќе останат недопирливи.