Соединетите Американски Држави најавија воведување нови царини за дел од своите најголеми трговски партнери, меѓу кои се Европската Унија, Кина, Јапонија и Индија, при што највисоките царински стапки би достигнале до 40 проценти.
Одлуката следува по истрагата на американската администрација за структурните вишоци на производствените капацитети во одредени индустриски сектори.
Истрагата била спроведена врз основа на членот 301 од американскиот Закон за трговија, кој му овозможува на Вашингтон да воведува мерки против трговски практики што ги смета за неправедни или штетни за американската економија.
На списокот на економии опфатени со истрагата се наоѓаат Кина, Европската Унија, Швајцарија, Сингапур, Индонезија, Малезија, Камбоџа, Тајланд, Јужна Кореја, Виетнам, Тајван, Бангладеш, Јапонија и Индија.
Според објавените информации, највисоките царински стапки се предвидени за Кина, која би можела да се соочи со царини до 40 проценти, додека за Виетнам се предвидуваат давачки до 35 проценти.
За останатите опфатени економии се предвидуваат царински стапки до 20 или 25 проценти, во зависност од земјата и видот на производите.
Сепак, реалното влијание на дел од новите мерки би можело да биде ублажено поради претходно договорените ограничувања на вкупните царински стапки меѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и одредени трговски партнери.
Засега не се објавени конкретните производи што ќе бидат опфатени со новите царини, ниту датумите кога мерките ќе стапат во сила.








