Кога сфатил дека Западот нема да интервенира директно по руската инвазија врз Украина, поранешниот припадник на американските специјални сили Марк Хејвард донел лична одлука – да замине сам. Тој првично верувал дека САД ќе ги почитуваат безбедносните гаранции дадени со Будимпештанскиот меморандум, но брзо станало јасно дека „коњаницата“ нема да дојде.
„Никој не го испраќа тимот А“, заклучил Хејвард. Тој е еден од илјадниците американски ветерани кои, заедно со доброволци од Велика Британија, Австралија и други земји, се приклучиле во одбраната на Украина, објавува The Telegraph.
Хејвард, кој служел уште во периодот на Студената војна, вели дека ова е конфликтот за кој со децении се подготвувал, но никогаш не добил можност да го води. Набргу по почетокот на инвазијата, тој заминал од островот Сент Лоренс кон Ном, на Алјаска, и ѝ рекол на сопругата: „Ова е војната за која тренирав“. Таа, според него, мирно одговорила дека и таа го чувствувала истото.
Во Специјалните сили се приклучил во 1994 година, а подоцна служел и во Кувајт и Ирак. Сепак, тој отворено признава дека митот за „Зелените беретке“ често не одговара на реалноста. „Луѓето мислат дека ако си Зелена беретка, си како Рамбо – дека знаеш сè и си подготвен за сè. Никој не зема предвид дека си остарен, дека не си бил на терен со години“, вели тој.
По напуштањето на армијата, Хејвард се преселил во Алјаска и работел за непрофитна здравствена организација. Кога Русија ја започнала инвазијата во февруари 2022 година, конфликтот за него станал личен – неговиот остров со години бил сведок на руски воени бродови и авиони во близина на Алјаска.
Откако ја соопштил одлуката дома, на 12 март 2022 година ја преминал полската граница во Украина со пренаменето амбулантно возило. Планот да се поврзе со контакт од Меѓународната легија пропаднал, бидејќи Русија токму тогаш ракетирала една од нивните бази. Сам и без врска, тој отишол во мормонска црква во Лавов, каде што стапил во контакт со други Американци.
Со пријател со прекар „Тексас“ заминале кон Киев, каде што поминале два дена обучувајќи украински војници за користење на противтенковските ракети NLAW. Бидејќи никој од нив немал искуство со британското оружје, ноќта ја поминале читајќи упатства. Се покажало дека системот е релативно едноставен за употреба.
Таму ја научил најважната лекција: во Украина, импровизацијата не е избор, туку услов за преживување. Особено тоа се гледало во опремата. Според Хејвард, дел од американската помош пристигнала практично нефункционална. Ракетите „Џавелин“ испратени во 2018 година биле без резервни батерии, прирачници и дополнителна опрема. „Вашингтон беше убеден дека Украина ќе падне за една недела“, вели тој.
Лансерите биле неупотребливи, па Хејвард импровизирал – поврзал две мото-батерии од 12 волти за да ја замени оригиналната од 24. Иако сите му рекле дека ќе го уништи лансерот вреден над 200.000 долари, тој сепак се обидел. „Инаку тоа беше само скап тег за хартија. Кога го вклучивме – проработе“, раскажува тој.
Според украинскиот командант Микола Лавренјук, мотивацијата на странските борци е различна. „Некои доаѓаат од идеали и верба во слободата, други поради пари или за да избегаат од проблеми“, изјави тој за The New York Times. Хејвард, според сите, припаѓа на првата група.
Тој отворено вели дека чувствува гнев кон Владимир Путин, кого го смета за егзистенцијална закана за светот. „Ако владите не си ја вршат работата, тоа не нè ослободува од одговорност. Сè уште сме одговорни за светот што ќе им го оставиме на нашите деца“, вели тој.
Цената за таа одлука е висока. Најголемиот дел од неговите пари завршиле за гориво и поправки на возила. Заштедите исчезнале, а долгот на кредитна картичка достигнал 50.000 долари.
„Штедиме за мирна старост и наследство за децата. Јас сум веќе стар“, заклучува Хејвард. „А најдоброто наследство што можам да им го оставам е свет во кој ваквите работи не поминуваат неказнето.“
















