Македонија официјално го поздрави апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој ноќеска беше уапсен во Каракас во акција предводена од американските сили и наскоро ќе се соочи со судски процес во Соединетите Американски Држави.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски преку објава на социјалната мрежа Икс изрази јасна поддршка за потегот на Вашингтон и порача дека одговорноста за тешки кривични дела мора да биде обезбедена.
„Ја поздравуваме објавата на претседателот Доналд Трамп дека Николас Мадуро е уапсен и ќе се соочи со правдата. Стоиме со САД и венецуелскиот народ во борбата за слобода и демократија“, напиша Муцунски, пофалувајќи ја и улогата на американската дипломатија во сузбивањето на, како што наведе, нарко-криминалната мрежа на режимот во Каракас.
Апсењето следува по повеќемесечни тензии и серија координирани напади на повеќе локации во Венецуела. Американскиот претседател утрово потврди дека Мадуро е ставен под контрола и дека е на пат кон САД, каде веќе се подготвени обвиненија поврзани со трговија со дрога, оружје и организиран криминал.
Со оваа реакција, Македонија се приклучува кон групата држави кои јавно ја поддржаа американската акција, оценувајќи ја како чекор кон воспоставување одговорност и поддршка на демократските процеси во Венецуела.
















