ПРВ.мк
Црна Хроника

Делчево се простува од 16-годишниот Стивен Ивановски – потврдена и најмладата жртва од трагедијата во Кран Монтана

Делчево се простува од 16-годишниот Стивен Ивановски – потврдена и најмладата жртва од трагедијата во Кран Монтана
Kristal

Делчево тагува по 16-годишниот Стивен Ивановски, кој го загуби животот во катастрофалниот пожар што ја потресе швајцарската Кран Монтана. Од неговото родно место беше упатен повик да му се оддаде почит и да се одбележи загубата на млад живот што трагично згасна во новогодишната ноќ.

Стивен е меѓу идентификуваните жртви, иако швајцарските институции сè уште немаат објавено официјална потврда дека меѓу загинатите има македонски државјанин. Според досегашните податоци, од вкупно 40 загинати, идентификувани се 24 лица, најголемиот дел малолетници кои ја чекале Новата година во барот „Le Constellation“.

Како најмлада жртва е потврдено 14-годишно девојче од Швајцарија, земја од која доаѓаат и најголем дел од загинатите. Меѓу жртвите е и 31-годишниот Стефан Ивановиќ, српски државјанин со швајцарско државјанство, кој работел како обезбедување во локалот и, според информациите, загинал додека им помагал на присутните да се спасат.

Во катедралата во Кран Монтана беше одржана неделна молитва за сите загинати, без разлика на возраста и потеклото. Претседателот на швајцарскиот црковен синод, Жил Кавен, порача дека зборовите не се доволни за да се опише болката на семејствата и блиските, нагласувајќи дека молкот сам по себе не е доволен одговор на ваква трагедија.

По молитвата, граѓаните тргнаа во тивка поворка кон местото на несреќата. Паралелно со тоа, започната е истрага во која се опфатени сопствениците на барот, Жак и Џесика Морети, кои засега се на слобода. Истражните органи ги проверуваат околностите околу реновирањето на објектот во 2015 година, кога биле намалени излезите за итни случаи.

Според достапните информации, младите се заглавиле на тесните скали при обидот да избегаат, а дополнителен ризик претставувал и плафонот исполнет со лесно запалив акустичен материјал. Надлежните служби засега не откриваат детали дали и какви пропусти биле забележани при противпожарните инспекции извршени минатата година.

Местото на трагедијата денес е оградено со полициски ленти и под постојан надзор, но граѓаните и понатаму доаѓаат да положат цвеќе, да палат свеќи и да побараат одговорност и вистина. Пожарникарите и спасувачките екипи добија аплауз за нивната пожртвувана интервенција, иако многумина од нив не ги криеја солзите.

Во пожарот се повредени 119 лица, од кои шест сè уште не се идентификувани поради тешката здравствена состојба. Дел од семејствата и пријателите сè уште ги бараат своите најблиски, обиколувајќи болници и чекајќи нови информации.

Трагедијата остави длабока рана во Кран Монтана, но и далеку надвор од неа – во градови и семејства кои денес тагуваат за изгубената младост и за животите што никогаш нема да продолжат.

FixCredit
Escape