ПРВ.мк
Македонија

Директорката на УЈП повика: Доставете ги овие документи ако сте платиле данок во странство!

Директорката на УЈП повика: Доставете ги овие документи ако сте платиле данок во странство!
Kristal

Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, јавно ги повика граѓаните кои оствариле приходи во странство и за нив платиле данок, да достават соодветна документација во која било даночна канцеларија на УЈП, со цел правилно и законски да се утврди нивната даночна обврска.

Петрова нагласи дека секој случај се разгледува поединечно, а конечната одлука зависи од повеќе фактори, како што се резидентниот статус на лицето, дали со конкретната држава постои договор за одбегнување на двојно оданочување, како и видот на остварениот приход.

– Постапувањето е од случај до случај. Не може да има општо правило за сите. Затоа е важно граѓаните да ги достават доказите за платен данок во странство, за УЈП да може правилно да ја утврди нивната обврска – истакна директорката.

Во јавноста имаше реакции зошто УЈП сега ги обработува случаите од 2020 година. Петрова појасни дека рокот за застарување е пет години и дека Управата морала да постапи до крајот на 2025 година, при што досега немало соодветен систем за навремена анализа на податоците што пристигнувале од банките.

За 2020 година, УЈП испратила над 11.000 покани до граѓани кои работеле во странство. Досега, данок е утврден за 6.600 лица, додека кај останатите било утврдено дека доходот не подлежи на оданочување. Вкупно утврдениот данок изнесува околу 186 милиони денари, односно приближно 3 милиони евра.

Директорката најави дека следуваат проверки и за 2021, 2022, 2023, 2024 и 2025 година, при што повторно потенцираше дека Македонија има систем на самооданочување и дека обврската за пријавување на доходот е на самите граѓани.

– Дури и кога данокот е платен во странство, доходот мора да се пријави. Само така граѓаните ќе бидат правилно евидентирани во системот и ќе избегнат дополнителни проблеми – порача Петрова.

FixCredit
Escape