Новогодишната прослава во швајцарското зимско одморалиште Кран-Монтана заврши со трагедија што ја потресе целата земја. Во катастрофалниот пожар што избувна во барот Le Constellation животот го загубија најмалку 40 лица, а 119 се повредени, дел од нив со тешки и животозагрозувачки изгореници.
Според досегашните сознанија на истражните органи, пожарот најверојатно бил предизвикан од пиротехнички прскалки користени за време на новогодишната прослава. Во локалот таа вечер имало голем број млади лица, меѓу кои и малолетници.
Додека истрагата сè уште трае, јавноста во Швајцарија остана во шок од размерите на трагедијата, за што информираше и швајцарскиот портал Blick. Општината Кран-Монтана веќе поднесе граѓанска тужба, а паралелно се води и кривична постапка.
По денови неизвесност, официјално беше потврдена смртта на 16-годишниот Артур. Неговата мајка, Летиција Бродар-Ситр, со денови очајно го бараше својот син преку социјалните мрежи и болниците низ земјата, сè додека не ја доби најтешката можна вест.
„Нашиот Артур сега е во рајот“, изјави таа во потресно обраќање за француската телевизија BFMTV.
Непосредно по полноќ, Артур ѝ испратил порака на мајка си: „Среќна Нова година, мамо, те сакам“. По таа порака, му се губи секоја трага. Според сведочењата, тој планирал токму во овој локал да го прослави и својот претстоен 17. роденден, за кој неколку дена претходно резервирал маса за себе и своите пријатели.
„Знаев дека ќе биде во ‘Le Constellation’ таа вечер“, изјави мајката за Reuters.
Во очајниот обид да го пронајдат, таа отпатувала во Лозана, додека неговиот татко паралелно барал информации во Берн. Потрагата, за жал, завршила трагично.
„Живеев вистински кошмар – не знаев дали ќе го најдам во болница или во мртовечница. Тоа е страдање што ниту еден родител не треба да го доживее“, изјави таа, додавајќи дека неколкумина од неговите пријатели биле пронајдени со изгореници на повеќе од половина од телото. „Тие минаа низ пекол“, рече таа.
Меѓу идентификуваните жртви е и 18-годишниот боксер Бенжамен Ж., член на клубот Lausannoise de Boxe. Од него се прости и SwissBoxing, наведувајќи дека станувало збор за исклучително талентиран млад спортист кој загинал обидувајќи се да спаси блиска пријателка.
Досега официјално се идентификувани осум загинати лица, меѓу кои и две млади жени на возраст од 22 и 24 години, како и млади мажи на 18 и 21 година. Меѓу жртвите е и македонскиот државјанин Стив Ивановски.
Државното обвинителство на кантонот Вале покрена кривична постапка против сопствениците на барот, Џесика и Жак Морети. Тие биле сослушани, но засега се бранат од слобода. Главната обвинителка Беатрис Пилу потврди дека пиротехничките прскалки остануваат главна линија на истрагата, заедно со проверката дали биле прекршени безбедносните протоколи.
Општинскиот совет на Кран-Монтана едногласно одлучи да поднесе граѓанска тужба и целокупната документација да ја достави до правосудните органи. Претседателот на општината, Никола Феро, истакна дека локалната власт целосно стои зад жртвите и нивните семејства.
Местото на трагедијата го посети и швајцарскиот министер за правда Беат Јанс, кој најави темелна и транспарентна истрага со цел утврдување целосна одговорност.
Федералната влада, во координација со верските заедници, прогласи национален ден на жалост во петок, 9 јануари. Во 14 часот низ цела Швајцарија ќе се огласат црковните ѕвона и ќе биде одржана минута молк, додека комеморациите за жртвите продолжуваат низ целата земја.
















