ПРВ.мк
Свет

Сè повеќе Германци стравуваат за работата и финансиската иднина

Сè повеќе Германци стравуваат за работата и финансиската иднина
Kristal

Загриженоста за стабилноста на работните места во Германија е во пораст, покажуваат најновите резултати од анкета на консултантската куќа EY, објавени од германскиот весник Die Welt. Според податоците, дури 16 проценти од испитаниците во 2025 година својата работа ја оцениле како несигурна, што претставува највисоко ниво на страв од 2009 година, кога Европа беше погодена од глобалната финансиска криза.

Во споредба со минатата година, бројот на загрижени лица е зголемен за три процентни поени, а во однос на 2023 година за пет. И покрај тоа, мнозинството Германци сè уште чувствуваат стабилност – 84 проценти сметаат дека нивното работно место е сигурно, при што речиси половина од нив ја оценуваат сигурноста како „многу висока“.

Извршниот директор на EY, Хенрик Алерс, истакнува дека иако се забележува постепено опаѓање на чувството на безбедност, општото расположение не е панично. Според него, довербата кај граѓаните би можела повторно да се зајакне со подобрување на економските услови.

Анкетата открива и јасни генерациски разлики. Најмалку загрижени се постарите од 55 години, додека најмладите работници под 35 години најчесто стравуваат за својата иднина. Финансиската состојба исто така има значително влијание – лицата со пониски приходи многу почесто чувствуваат несигурност отколку оние со повисоки примања.

Покрај стравот од губење работа, расте и песимизмот околу личните финансии. Само мал дел од граѓаните очекуваат подобрување во наредните години, додека повеќе од една четвртина стравуваат од влошување. Ова резултира со воздржаност од поголеми трошоци и зголемена претпазливост.

Социјалните организации предупредуваат дека главните грижи на населението се поврзани со основните животни потреби – дом, храна, енергија и сигурна работа – и апелираат до политичарите да понудат јасни и стабилни решенија.

FixCredit
Escape