Потпретседателката на Венецуела и министерка за нафта, Делси Родригез, денеска официјално положи заклетва како привремена шефица на државата, откако соборениот претседател Николас Мадуро се наоѓа во Њујорк и се соочува со сериозни обвиненија за трговија со дрога.
Родригез, 56-годишна адвокатка за трудово право, позната по врските со приватниот сектор и лојалноста кон владејачката партија, заклетвата ја даде пред својот брат Хорхе Родригез, претседател на Националното собрание.
– „Чувствувам болка поради киднапирањето на двајца херои кои се заложници во САД. Во исто време, имам чест да положам заклетва во име на сите Венецуелци“, изјави Делси Родригез.
Врховниот суд ѝ наложи да ја преземе функцијата шеф на државата за период од 90 дена, а вчера армијата ја потврди својата поддршка.
На денешната седница на Националното собрание присуствуваа претежно лојални пратеници – од вкупно 283 пратеници, само мал број се декларирани како опозиција, додека поголемиот дел од опозициските сили, предводени од Марија Корина Мачадо, го бојкотираа гласањето.
Единствената отсутна пратеничка беше првата дама Силија Флорес, која се наоѓа во притвор во САД.
















