Доналд Трамп повторно ја вознемири меѓународната јавност откако на новинарско прашање дали би наредил ракетни напади врз Венецуела, одговори дека „сè е можно“. Според него, таа земја станала засолниште за банди и нарко-картели кои, како што тврди Белата куќа, ја преплавуваат Америка со дрога.
Само ден по изјавата, американската морнарица уништи венецуелски брод во Карибите, натоварен со кокаин – втор таков случај за само две недели.
Ситуацијата добива нова димензија со оглед дека САД имаат осум воени бродови распоредени покрај венецуелскиот брег и десет авиони Ф-35 во Порторико. Министерот за одбрана Пит Хегсет веќе ја демонстрираше силата на оваа инфраструктура, што отвора можност за поширока воздушна кампања.
Иако експертите предупредуваат дека САД немаат јасна стратегија за Венецуела, Трамп инсистира на демонстрација на сила. Неговата политика се движи меѓу преговори – со ослободување на Американци од венецуелските затвори – и остри мерки како високи царини и награда од 50 милиони долари за апсење на Николас Мадуро.
Историјата, пак, покажува дека вакви воени интервенции во Латинска Америка, како во Колумбија и Перу, не го решија проблемот со дрогата. Но, за Трамп тоа е споредно – неговата цел е јасна: да покаже дека Америка нема да толерира закани, дури и ако тоа значи нова војна на американскиот континент.