Американскиот претседател Доналд Трамп изразил незадоволство од потезите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но сепак му оставил „одврзани раце“ за акциите во Појасот Газа, пишува „Волстрит џурнал“.
Весникот наведува дека Трамп на своите блиски соработници им рекол дека Нетанјаху се потпира исклучиво на воена сила за капитулација на Хамас, додека тој повеќе ја преферира дипломатијата и договор за прекин на огнот.
Тензиите меѓу двајцата дополнително пораснале откако Израел извршил напад во Катар врз претставници на Хамас кои учествувале во мировните разговори, што сериозно го загрозило процесот на медијација.
Иако Трамп во внатрешни дискусии со државниот секретар Марко Рубио и други високи функционери ги нарекол потезите на Нетанјаху „дрски“, официјален Тел Авив тврди дека извештаите за раздор се „лажни вести“ и дека сојузништвото со Вашингтон останува непоколебливо.
Дополнителен скандал предизвика и израелскиот министер за финансии Безалел Смотрих, кој јавно изјави дека е во преговори со САД за поделба на Појасот Газа, нарекувајќи ја областа „златен рудник за недвижнини“. Според него, останува само да се утврди процентната распределба на територијата.