Англија е во шок, а Ковентри е во транс! По неверојатни 25 години поминати во пониските лиги, култниот Ковентри Сити конечно се враќа таму каде што припаѓа – во елитната Премиер лига. Во драматична и емотивна вечер на гостувањето кај Блекбурн Роверс, тимот предводен од легендарниот Френк Лампард извлече златен бод (1:1), кој и математички им ја отвори вратата на рајот.
Натпреварот не започна добро за гостите. Кога Риоја Моришита постигна гол за Блекбурн во 54-та минута, се чинеше дека навивачите на Ковентри ќе мора да ги вратат знамињата во фиока и да ја чекаат следната шанса. Но, Френк Лампард уште еднаш докажа дека знае како да ги мотивира своите момци кога е најтешко. Притисокот на „Небесно сините“ вроди со плод во 84-та минута, кога Боби Томас со небесен скок и моќен удар со глава ја затресе мрежата за израмнување и историска промоција.
Точно 9.099 дена поминаа од последниот премиерлигашки натпревар на овој клуб. По последниот свиреж на судијата, емоциите експлодираа – илјадници навивачи на трибините не ги криеја солзите, свесни дека заврши најдолгото чекање во поновата фудбалска историја. Додека играчите лудо славеа на теренот, менаџерот Лампард, во свој препознатлив стил, со господска мирност се ракуваше со противниците, иако внатрешно веројатно гореше од гордост за најголемиот успех во својата тренерска кариера.
За Блекбурн овој бод е клучен во битката за опстанок, но вечерва цела Англија зборува само за едно – Ковентри Сити се врати дома, во Премиер лигата!










