Активистки за правата на жените во Полска кон крајот на септември отворија, како што тврдат, прв автомат во светот за дистрибуција на таблети за прекин на бременоста.
Уредот, наречен „Абортомат“, е поставен во објект спроти полскиот парламент во Варшава, а неговото отворање предизвика бурни реакции и правни дилеми.
Полска има еден од најрестриктивните закони за абортус во Европа. Прекинот на бременоста е дозволен во случаи кога таа е последица на кривично дело или кога го загрозува животот или здравјето на жената.
Автоматот се состои од 22 розови прегради, кои се отвораат со посебен ПИН-код, по претходна проверка на медицински прашалник од лекар.
Активистките тврдат дека со ваквиот начин на дистрибуција не го прекршуваат законот, иако признаваат дека постојат правни нејаснотии.
Според полското законодавство, жените кои самостојно ја прекинуваат бременоста не подлежат на кривична одговорност, но на лицата кои им помагаат може да им се изрече затворска казна до три години.
Конзервативната организација „Ордо Јурис“ го пријавила случајот во Обвинителството, тврдејќи дека зад функционирањето на автоматот стојат лица кои учествуваат во дистрибуцијата на лековите.
Пред центарот редовно се одржуваат и протести на противниците на абортусот.
Во меѓувреме, прашањето за либерализација на законодавството останува предмет на политички и општествени дебати во Полска, каде што постојат значителни несогласувања околу предложените законски измени.









