Во случај на директен американски напад врз Иран, најверојатното сценарио е уривање на сегашниот режим и воспоставување силна воена власт, анализира Би-Би-Си во обемна геополитичка проценка. Според медиумот, ваквиот исход би можел целосно да го промени балансот на силите на Блискиот Исток и да предизвика последици што тешко може да се контролираат.
Како најреална опција се посочува формирање на воена хунта составена од врвот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), која и денес има огромно влијание во државата. Наместо теократски систем со ајатолах на чело, Иран би можел да добие „совет на генерали“ што би управувал со земјата со железна рака.
Според Би-Би-Си, ова сценарио се смета за најверојатно поради долгогодишната нестабилност, бројните протести и сè помалата поддршка што ја ужива сегашниот режим меѓу населението. Американски удар, доколку биде одобрен од претседателот Доналд Трамп, би можел да ја отвори, како што наведува медиумот, „Пандорината кутија“ во регионот.
Анализата ги издвојува седум можни сценарија:
Првата опција е ограничен, прецизен воен удар со воздушни и поморски напади врз бази на ИРГЦ, како и врз нуклеарните и ракетните капацитети на Иран. Идејата зад ова сценарио е минимизирање на цивилните жртви и создавање услови за политичка промена. Сепак, искуствата од Ирак и Либија покажуваат дека ваквите интервенции ретко носат стабилност и демократија.
Втората можност предвидува опстанок на сегашниот режим, но под силен притисок. Иран би продолжил да постои како Исламска Република, но би бил принуден да ја намали поддршката за регионалните сојузници и милиции, да ги ограничи нуклеарните и балистичките програми и да го ублажи односот кон сопственото население. Ова сценарио, според Би-Би-Си, е малку веројатно поради тврдокорноста на власта која опстојува речиси пет децении.
Третото сценарио, кое медиумот го оценува како најреално, е целосен колапс на политичкиот врв и преземање на власта од страна на воените структури. Долгогодишните протести го разнишаа легитимитетот на режимот, но без масовно напуштање на безбедносните сили. Во услови на хаос по американски напад, токму тие сили би можеле да воспостават целосна контрола.
Четвртата можност е директен и жесток одговор на Иран со напади врз американски бази и сојузници во регионот. Иако воено послаб од САД, Иран располага со балистички ракети и дронови што можат да нанесат сериозна штета на воени и енергетски цели во Персискиот Залив.
Петтото сценарио вклучува блокада или минирање на Ормутскиот Теснец – клучна точка низ која поминуваат околу 20 проценти од светската нафта и течен природен гас. Ваквиот потег би имал директно влијание врз глобалната економија и би предизвикал нагло зголемување на цените на енергенсите.
Шестата, иако помалку веројатна опција, е потопување на американски воен брод. Иранската тактика со дронови и брзи чамци би можела да предизвика огромен воен и политички шок, што би довело до драматична ескалација на конфликтот.
Седмото и најмрачно сценарио е целосен распад на државата. Граѓанска војна, етнички судири и масовна бегалска криза би го дестабилизирале целиот регион. Земји како Саудиска Арабија и Катар стравуваат токму од ваков вакуум на власт во држава со околу 93 милиони жители.
Би-Би-Си заклучува дека клучниот момент е самата одлука за напад. Масивното присуство на американски воени сили околу Иран создава силен притисок, а секој погрешен чекор може да предизвика последици кои ќе се чувствуваат далеку надвор од Блискиот Исток.

















