Голема акција на Царинската управа во Струга резултираше со заплена на значителна количина тутунски производи без акцизни марки, со што е спречена сериозна финансиска штета за државниот буџет.
Како што информираат надлежните, мобилните царински тимови, заедно со службеници од царинарница Битола, при контрола на малопродажен објект откриле нелегална акцизна стока со вкупна вредност поголема од 1,8 милиони денари. При проверката биле пронајдени над илјада кутии цигари, голем број електронски цигари, цигарилоси, тутун за наргиле, пури, како и пакувања тутун за пушење – сите без задолжителни акцизни маркички.
Со оваа интервенција е спречен обид за нелегална продажба на акцизни производи, при што е избегнато плаќање акциза во износ од околу 509 илјади денари. Против инволвираните лица е покрената соодветна постапка, согласно законските прописи.
Од Царинската управа најавуваат дека контролите ќе продолжат со зголемен интензитет, со цел сузбивање на нелегалната трговија, заштита на буџетот и зачувување на здравјето на граѓаните.

















