Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја засили реториката кон Иран, испраќајќи директна закана преку својата социјална мрежа „Truth Social“.
„За Иран часовникот отчукува и подобро би било да се придвижат, БРЗО, или од нив нема да остане ништо. Времето е од клучно значење!“, напиша Трамп, што веднаш предизвика нов бран реакции и шпекулации за можно ново заострување на кризата во регионот.
Објавата следува по неговото враќање од Пекинг и доаѓа во период на засилен меѓународен притисок околу ситуацијата во Ормускиот Теснец, каде тензиите меѓу САД и Иран повторно се во подем.
Само неколку часа претходно, Трамп сподели и вештачки генерирана фотографија на која се гледа себеси на воен брод, придружена со пораката: „Тоа беше затишје пред бура“.
Според аналитичари, ваквата серија пораки претставува комбинација од политички притисок и сигнал кон домашната јавност дека можни се нови воени активности доколку дипломатските обиди не дадат резултат.
Американските медиуми, меѓу кои и „Њујорк тајмс“, претходно објавија дека се разгледуваат оперативни планови за можни воздушни напади врз ирански цели, како и сценарија за специјални операции поврзани со нуклеарни постројки.
Во меѓувреме, Иран порача дека неговите вооружени сили се подготвени да одговорат на секој напад, додека според западни извештаи, Техеран повторно активирал значителен број ракетни позиции долж Ормускиот Теснец, клучна точка за глобалниот енергетски транспорт.









