Чилеанските власти реализираа една од најголемите антидрога операции во историјата на земјата, при што е запленета огромна количина наркотични супстанци наменети за европскиот пазар.
Според официјалните информации, дрогата била внимателно сокриена во пратки со дрвен материјал кои преку поморски транспорт требало да стигнат до повеќе европски држави. Акцијата била резултат на повеќемесечна координирана истрага во која учествувале обвинителството, царинските служби и поморската полиција.
Властите соопштија дека биле откриени десетици контејнери кои пристигнале од соседни земји, а во нив биле пронајдени големи количества кокаин и кетамин. Според првичните проценки, вредноста на запленетата дрога на европскиот црн пазар би достигнала околу 8,3 милијарди долари.
Истрагата траела околу шест месеци, при што биле следени сомнителни товарни пратки и анализирани нивните маршрути. Истражителите откриле дека криминалните групи користеле софистициран метод за прикривање на дрогата во дрвената маса, што значително го отежнувало нејзиното откривање.
Според царинските службеници, доколку товарот стигнел до крајната дестинација, наркотиците би биле извлекувани преку сложени хемиски процеси во специјализирани лаборатории.
Од чилеанската полиција посочуваат дека истрагата сè уште не е завршена и дека дополнителни контејнери остануваат под проверка. Поради тоа не се исклучува можноста количината на запленета дрога дополнително да се зголеми во наредните денови.
Операцијата се смета за сериозен удар врз меѓународните криминални мрежи кои ја користат Јужна Америка како една од главните појдовни точки за шверц на дрога кон Европа.








