Доверливи податоци на руската државна статистичка агенција „Росстат“ откриваат загрижувачки пораст на бројот на самоубиства меѓу припадниците на руската армија од почетокот на војната во Украина.
Според документите до кои дошол британскиот весник „Гардијан“, најмалку 1.087 руски војници си го одзеле животот во Украина или во руските погранични области во периодот од 2022 до 2026 година.
Анализата, која опфаќа 11 милиони потврди за смрт, покажува континуиран пораст на ваквите случаи. Од повеќе од 50 регистрирани случаи во 2022 година, бројката се зголемила на 365 во 2025 година.
Дополнително, биле идентификувани уште 885 смртни случаи со неутврдени околности, меѓу кои, според експертите, би можело да има и самоубиства.
Одделна анализа на „Фајненшл тајмс“, заснована на протечените статистички податоци, покажува дека најмалку 1.229 руски војници си го одзеле животот од почетокот на војната до септември годинава.
Според истата анализа, припадниците на руската армија имале повеќе од двојно поголем ризик од самоубиство во споредба со останатото население.
Воените загуби стануваат неодржливи
Русија не објавува редовни официјални податоци за своите воени загуби, додека западните претставници предупредуваат дека продолжувањето на војната создава сè поголем притисок врз човечките ресурси на руската армија.
Според нивните проценки од август, Русија месечно губела околу 6.000 војници повеќе отколку што успевала да регрутира.
Објавените бројки се засноваат на протечени документи и проценки, а не на официјално потврдени податоци од руските власти.







